|

Свечeно отворање на реновираниот САЛОН 19:19

Во просториите на Културно информативниот центар-Скопје, свечено беше отворен комплетно реновираниот Салон 19:19. Реновираниот Салон 19:19, за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.- Салонот 19:19 во Културно информативниот центар претставуваше препознатлива сцена за многу познати и помалку познати уметници, со широк дијапазон на уметнички изрази, секогаш проследени од армија публика. Затоа сметам дека инвестицијата на Градот Скопје во висина од 3,5 милиони денари за изградба на нов покрив, како и за уредување на другите помошни простории е сосема оправдана. Овие средства се дел од програмата и активностите за реновирање на објектите од областа на културата во сопственост на Градот Скопје. Се надевам дека ќе се согласите дека центарот на Скопје доби еден современо уреден простор со услови за интензивно доживување на уметничкиот труд, но и сцена за промоција на нови аудио и визуелни изданија, литературни дела, како и за други собири од јавен карактер, истакна градоначалникот Трајановски.Директорката на КИЦ, Сермине Пурини потенцираше дека Салонот 19:19 постои уште од 1967 година и досега не претрпел никакви промени, ниту пак некогаш бил реновиран.- Ја користам оваа пригода да и изразам посебна благодарност на Фондацијата ИМАС од Соединетите американски држави за донацијата од 7 милиони денари, средства што се искористени за реновирање и уредување на ентериерот на салата, каде што се монтирани нови седишта, комплетно нова сценска конструкција, подобрена е акустичната школка на Салонот, поставено е ново осветлување и централна климатизација на просторот, а со инвестицијата на Град Скопје од 3,5 милиони денари извршена е поправка на покривот, на гримиорните, тоалетите, гардеробите и другите помошни простории, како и реновирањето на влезното фоаје во Салонот, КИЦ доби комплетно нов концертен простор. Се надевам дека отсега граѓаните и уметниците во Скопје, ќе имаат на располагање уште едно култно место каде што ќе можат да ги одржуваат своите камерни концерти, промоции на книги, театарски претстави и други перформанси на достоинствено ниво, рече Пурини. Целосната реконструкција траеше половина година, а по шест месечната работа на овој култен скопски простор, Салонот 19:19, денеска, блесна во полн сјај.

Similar Posts