|

Изложба на монотипии во КИЦ

Културно-Информативен Центар – Скопје има особена чест и задоволство да ве покани на отворањето на изложбата на монотипии на лик. уметници Симонида Филипова Китановска и Марија Светиева, 03. декември (четврток), 20:00 часот.

СИМОНИДА ФИЛИПОВА – КИТАНОВСКА,  родена 1965 год., во Скопје. 1988 год., дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Димитар Кондовски и Родољуб Анастасов. Од 1988 год., член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Од 1991 до 1997 год., живее и работи во Бостон, САД. Во моментов, живее и твори во Скопје. Има реализирано повеќе самостојни изложби, како и видео арт, инсталации и лик. перфоманси во Македонија, Европа, и пошироко: Крајон, Франција; Бостон, Њујорк – Сохо, САД…

Учесник на бројни меѓународни ликовни колонии. Добитник на: Биенале на „Југословенски акварел“, БАЈ Карловац, 1989 год. и „Димитар Пандилов“, сликарсто мал формат, ДЛУМ 1997 и 2008 год.Делата на Симонида Филипова – Китановска се излагани на петнаестина изложби и на повеќе од сто групни изложби во Македонија, екс-Југославија, Европа, САД… Активна е и како илустратор на книжевни изданија и инструктор по цртање и сликање.

Марија Светиева, родена 1960 год. во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности на отсекот графика со графички дизајн кај проф. Димитар Малиданов, 1987. Истата година станува член на ДЛУМ, а во 1990 како стипендист на Владата на Република Италија заминува за Болоња, каде специјализира графика. Во 1991 год., станува член на меѓународното здружение на графичари во Рим, и на меѓународното здружение на новинари во Рим. Од 1992 до 1996 год., раководи со Филмската продукциска куќа Фарфара Ансталт во Рим, при што ги посетува сите центри на филмски фестивали во Европа, Америка и Азија.

Пишува за чешкото филмско списание Премиера и за македонските: Жена, Пулс, Млад Борец, Форум, Утрински весник и Портал. Во 2000 год., го користи атељето на меѓународниот град на уметноста во Париз. 2004 дипломира на педагошкиот отсек на Педагошката Академија во Скопје. Живее и твори во Скопје. Досега има излагано на скоро триесеттина изложби во Македонија, екс-Југославија, Европа. Од 1987 до 2009 учествува на 165 групни изложби ширум Македонија, Европа, Јапонија…Добитник на 9 награди за графика и 2 за цртеж во Македонија, Шведска и Италија.

„Соединувањето на различните ликовни поетики на Симонида и Марија, во еден суптилен, ноншалантен духовен перформанс, всушност подеднакво зборува за нивното заедничко својство на латентна или отворена склоност кон еден вид на ритуално експонирање. Овој единствен во својата структура хепенинг, го продолжува дејството на нивните дела во просторот и времето потврдувајќи го нивното постоење како жива реалност, како специфичен вид на посветеност, предаденост, настанати од индивидуалистичката опсесивност при создавањето на делата: зад навидум неодредените форми, сокриени се конкретни, многу лични допири со стварноста кои се нивниот длабок израз, коментар и критика.

Успеваат ли со овој несекојдневен акт на двонасочно канализирање на духовните енергии, да ни прикажат уметност на вистинскиот привид, да нè свртат кон помалку заборавениот примарен порив за создавање кој го скаменува мигот низ единствена слика, низ визуелна опседнатост која впива во себе енергија од секое ново создавање? Или пак, укажуваат на вистинскиот живот како уметничи медиум, на животот како метафора, потсетувајќи нè на бесконечното создавање заради бележењето на непознатато, на веселото живо битие на светот?„

д-р Кокан Грчев,

архитект – историчар на уметноста

На изложбата ќе бидат претставени дваесетипет дела (индивидуални и заеднички монотипии, изработени во графичкото атеље на Културно-Информативниот Центар во тековната 2009 год.). Каталогот за изложбата го подготви д-р Кокан Грчев архитект – историчар на уметноста.

Изложбата ќе трае до 20. декември, ’09, кога следи изложбата на Нехат Бекири.

Similar Posts