Мултимедијалниот проект од Циклусот МОЛК „Играш како што другиот ти свири“ од ликовниот уметник ИСМЕТ РАМИЌЕВИЌ. Скулпторскиот интерктивен проект претставува серија од различни удирачки и жичани инструменти инспирирани од историјата на балканските, европските и азиските музички култури. Дискретната хибридна визуализација на музички инструменти чии тела дискретно се акцентирани и завршуваат со реалистички или стилизирани куршуми измоделирани се во комбинирана техника. Во извесна смисла овој проект претставува продолжение на претходниот монументален антимилитантен проект „Молк“.
Ваквата хибридизација на инструментите, како и глобалната, а особено локалната политичка состојба, спонтано го генерира насловот кој во себе содржи истовремено и констатација но пред сè апел, да не „Играш како што другиот ти свири“.
Самиот наслов непосредно реферира на влијанијата на светските центри на моќта кои се рефлектираат и реперкуираат во сите сфери на човечкиот живот. Освен за професионалните музичари, проектот е отворен за интеракција и со публиката, така што музицирањето со различните инструменти, суптилно ќе го претставува отпорот кон севкупната современа политичка состојба.